Header Ads

Сакам едноставни луѓе - Поема




Сакам едноставни луѓе
кои не ги вртат зборовите
ниту пак со нив си играат
кои стојат зад своето НЕ
а уште повеќе зад кажаното ДА
им ја љубам едноставноста
како некој што љуби убава жена
и заради очите нејзини не спие
или усните во умот му стојат
ете така јас едноставните луѓе ги сакам
кои не се надмудруваат со фрази
напамет научени
или уште полошо, приучени
кои не прават помпа од своето битисување
ниту се кочоперат со умовите
кои се кротки и тивки
а доволно гласни за да сопреш и да ги слушаш
та се фаќам себе како збор не изустувам
а душава полна како чаша добро бело вино
и мерак ми е
мерак ми е од едноставноста со која се разбираме
со поглед и скромни два-три збора
без непотребно меѓусебно фалење
ниту тупкање по плеќите
туку очи в очи
тивко
убаво и мило
та на душава топло
како пред разигран оган во камин среде зима
или како зеленило на пролет
ете така топло ми е кога ќе се препознаеме
низ толпа, среде улица
кога со само еден длабок поглед сме се врзале
па и со месеци после да не се видиме
сеедно е
оти следната средба е ко пред малку да сме се разделиле
и својот сјај во нивните очи го гледам
а нивниот во градиве ми цути
и повторно е се’ мирно
без непотребни зборови
без извештачено кикотење
без вулгарности за глумење блискости
туку со спокој
со едноставност која смирува
која на денот нова боја му дава
која лечи, со која можам да живеам
ја сакам, ја сакам едноставноста кај луѓето
кои колку се побогати во душите
толку им е таа поголема
таа прекрасна едноставност која големи ги прави

Извор:
https://www.facebook.com/notes/ana-bunteska/%D1%81%D0%B0%D0%BA%D0%B0%D0%BC-%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8-%D0%BB%D1%83%D1%93%D0%B5/10154704238304815