Header Ads

- Магијата е огромна кога на дрвото му вдахнуваш живот! - КРИСТИНА ЛОСТОВА




Родена на 07 06 1986 во Скопје, но од најраното детство живее и работи во Неготино. 
Сопруга и мајка на три деца. Нејзината најголема пасија -КОПАНИЧАРСТВОТО.




Шланге
Кога за прв пат ја почувствува љубовта кон уметноста?

Кристина
Таа дојде спонтано. Некаде во деведесеттите. Живеев во Демир Капија еден период пред да се вратам во Неготино. Тогаш за прв пат зедов парче мермер и направив грозд. Со импровизирани длета. Значи, започнав со каменорезба а подоцна се преориентирав на дрвото.

Шланге: 
Што те пренасочи од мермер на дрво?

Кристина: 
Па најпрво што многу е покомплициран за обработка, па и за транспорт. И дрвото и мермерот ги сакам и ме исполнуваат на свој начин. Но во последно време повеќе го работам дрвото бидејќи си имам содадено подобри услови за тоа.

Шланге: 
Што според тебе го издвојува копаничарството од другите уметности?

Кристина:
Убавината на оваа професија е во тоа што додека сета сила ја црпиш од себе на „мртвото“ парче дрво да му вдахнеш живот, ги даваш сите атоми од себе да го извадиш непотребното и да остане точно она кое треба за делото да живее вечно, понекогаш е потребно многу труд и време, но секогаш доаѓа моментот кога ќе погледнеш во него за да размислиш од каде треба да продолжиш и сфаќаш дека делото е завршено. Енергијата која тогаш ја чувствувам е незаменлива. Тоа е убавината која ме исполнува.

Шланге:
Тоа е одлична сатисфакција. Сигурно дрвото за тебе има посебно симболично значење?

Кристина:
Дрвото симболизира живот. Бидејќи секогаш е живо, ги претрпува моите промени и продолжува да живее. Продуктот од него е некој вид еликсир.

Шланге:
Од каде ја црпиш инспирацијата?

Кристина:
Од секојдневието. Од малите и убави работи кои секојдневно ми се случуваат. Меѓутоа мотивацијата знае да дојде од незадоволството, од револтот, неугодноста и суровоста на животот кој мора да е борбен за да се успее и да продолжи.

Шланге:
Што најчесто резбаш на дрво? Поточно, што му недостига на нашиот народ?

Кристина:
Сенешто. Огледала, Кутии за накит, Кутии за вино, Декорации за спални/домови, Свеќници, работам и реплики на изворни експонати, Украсни лажици, Кофчежиња и мали кутии за шминка кои ги користеле побогатите госпоѓи од нашето минато.

Шланге:
Имаш ли посебни простории за работа или експонатите ги изработуваш во својот дом?

Кристина:
На мое огромно задоволство, по извесен период повторно имам свое мало но премногу сакано катче за работа во с.Марена. Тоа место е фонтана за креативна имагинација.

Шланге:
Каде можат читателите на Shlange да ги погледнат твоите дела?

Кристина:
На наредната изложба на „Здружението на Копаничари на Македонија“, на 17.10.2015 во Домот на АРМ во Скопје. 
Ве очекувам таму!