Header Ads

Знаевте ли дека Св.Никола е всушност Дедо Мраз?

За некој ден православните Христијани ќе го прослават празникот Свети Никола. Се слави големата посна слава и именденот на сите познати како Никола, Кока,Коле. Потоа следи Нова Година па Божиќ, и во сета оваа убава еуфорија тука е и Дедо Мраз. Сите овие поими ја бележат нашата традиција и начин на живеење. Некои се радуваат, некои се скептици, трети се хејтери, но факт е дека сите ги земаме работите здраво за готово, без притоа да се запрашаме од каде доаѓаат некои работи, зошто е тоа така како што е. И со тек на време стануваме толку плитки толку безобзирни, толку не знаеме кои сме ние. Верувајте ми денес и јас прв пат дознав за поврзаноста на Свети Никола и Дедо Мраз. Затоа сега ќе се вратам многу години назад и ќе ви го пренесам она што успеав да го пронајдам.

Една приказна


Пред многу години еден трговец имал три ќерки. Но, поради некои трагични настани тој изгубил секаква надеж дека неговите ќерки ќе се омажат и ќе имаат среќен живот. Сето ова се случувало во третиот век, кога бродот на овој трговец бил ограбен од пирати, а без пари тој бил свесен дека не е во можност да ги омажи ќерките.

Човеков постојано се молел и не ја изгубил неговата надеж. Еден ден еден млад христијански епископ ги дознал маките на овој човек. Епископот бил богат од наследството кое го добил од неговите починати родители, па така една вечер во текот на ноќта тој преку прозорецот скришно пуштил вреќа со злато во куќата на трговецот. Ваквиот гест ги скратил маките на трговецот.
Ова се случило точно три пати по ред. Трговецот последниот пат успеал да дочека да се сретне со овој епископ и му се заблагодарил, кажувајќи му дека светот треба да знае за неговото добро дело. Но, човекот кажал дека тоа не смее да се случи пред неговата смрт. Тој напоменал дека сето добро што луѓето го прават треба да го прават скришно и дека никој не треба да знае. Така и се случило дури по смрта на овој човек светот дознал за сите добри дела што тој ги имал направено и тогаш сите откриле дека станува збор за Свети Никола.


Свети Никола Чудотворец


Свети Никола е еден од најпочитуваните светци кој е славен од православните и католичките христијани, но, во и Турција од голем дел муслимани. Тој е светец заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците и патниците. Овој човек бил роден во градот Патара, Ликија на јужниот брег од Мала Азија, од родителите Теофан и Нина. Уште од неговото раѓање се случувале чуда. Прво неговата мајка чудесно се излечила од нејзините болести откако го родила, на денот на неговото крштевање сам стоел на нозе цели три часа,уште како мал ги почитувал постовите во среда и петок. Значењето на духовниот живот му било пренесено од неговиот чичко Николај, кој го назначил прво за отец, а потоа и за свештеник. Свети Никола починал во длабока старост на 6 декември 343 година според стариот Јулијански календар и бил погребан во градот Мир во Ликијската област во Мала Азија. Подоцна во 11 век кога Турците ја освоиле Лакија, неговите мошти биле пренесени во Италија во градот Бари каде што се наоѓаат и денес.


Како Свети Никола станува Дедо Мраз?



Во Јануари 1809 година, Washington Irving објавил сатира позната како Knickerbocker's History of New York, во која го опишал веселиот карактер на Св. Никола. Овде не станувало збор за Европскиот епископ, туку за Холанганец со глинено луле. Веселата пак слика со елф добила голем поттик во 1823 година од поемата позната како "Посета од Св. Никола" ("A visit from Saint Nicolas"), или уште попозната како "Ноќта пред Божиќ " ("The Night Before Christmas"). Во оваа поема нараторот објаснува како бил разбуден ноќта на Божиќ додека неговата жена и деца спиеле. Тој го видел Дедо Мраз, односно карактерот на кого тој се обраќа со Св. Никола, како пристига пред неговата куќа, како влегува во куќата и остава подароци. Па така од оваа поема излегла и претставата за тоа како Дедо Мраз изгледа, односно дека станува збор за весел дебел човек со бела брада кој патува со санка влечена од елените Dasher, Dancer, Prancer, Vixen, Comet, Cupid, Donner и Blitzen, и кој влегува во куќите преку оџаците. А со помош на сатирата од Washington Irving е создадена целосната слика за Дедо Мраз.


Merry Old Santa Claus -  Thomas Nast, 1881
Во Северна Америка, популарното име Santa Claus ( кај нас Дедо Мраз) е прифатено од Холандскиото Sinterklaas, што потекнува од Sint Nicolaas (Свети Никола). Дедо Мразот со кој ние сме запознати, односно црвениот костим со ракави и јака и црн кожен појас, е резултат на сликата од 19-от век креирана од страна на Thomas Nast.


Многумина веруваат дека сетоа ова дава лажна претстава за Божиќи дека Дедо Мраз на чело со новогодишните Coca-Cola кампањи креираат потрошувачи, а се заборава вистинското значење на овој празник. Односно давањето подароци ја симболизира помошта која ние треба да им ја дадеме на нашите најблиски. Како што, според религијата, Господ му го дал Исус на овој свет, како надеж која била потребна во тој момент, и како што Свети Никола помагал на сите што можел.



извор:

http://www.cbn.com/spirituallife/churchandministry/churchhistory/vonBuseck_Saint_Nicholas_Santa.aspx
http://literature.wikia.com/wiki/A_Visit_from_St._Nicholas