Header Ads

Писмо од Мемоарите на Алберт Ајнштајн


Ова е писмо од Албер Ајнштајн кое го пронајдов во книгата од Кире Илиевски насловена како 'Мемоарите на Алберт Ајнштајн'. Во ова писмо тој ги објаснува неговите погледи на светот, перцепцијата зе некои работи, и најинтересното, што му се случило на негова петнаесет годишна возраст, што тој смета дека е резултат за неговиот поинаков поглед на светот.

"....петнаесет. На таа возраст тоа го гледаш поинаку. Да бидам искрен, бев исплашен. Никому не кажав, немав кому да кажам. Дење се беше во ред, но ноќите ми беа кошмар.

Сега, на залезот, мојата целоживотна придружничка упорно ме потсетува на нејзиното присуство. Избледуваат и последните траги на илузијата изнасликана со среќни мигови, кога јас, целосно заслепен, верував дека не сум сам. Како никогаш досега, наполно сум свесен дека не сум успеал да се оттргнам од прегратките на самотијата. Дали таа успеа да ги задоволи своите страсти со мене не знам и не сакам да нагаѓам, но со сигурност можам да тврдам дека мојот скромен извор на љубов само еднаш беше навратен да дарува сочност со сета своја сила, и тоа истовремено кон моето семејство, кое изникна од прегратките на Милева, и кон мојата втора, но не помалку силна љубов, науката. Тој краток период, тој краток миг на среќа што не ме празнеше иако до крајни сили само давав и дарував, ме држеше и сеуште ме држи да не погледнам пред магијата исткаена по мера на мојот дух и негувана длабоко во мене, од единствената сопатничка што те прави наполно осамен токму тогаш кога ќе ти се придружи. Љубоморната прегратка на самотијата ќе те облее со самољубие, ќе ти ги затапи емоциите и не ќе забележиш кога те напуштиле милоста и љубовта и возвишеноста на среќата.
Каде се корените на таквата судбина? Дали го изместив тежиштето на животните вредности, заслепен од фетишот на возвижените цели, ја максимирав ли едната љубов, која ме направи возвишен и горд, љубовта што сега ја разбирам како прогонство, за сметка на другата, топлата ,човечката. Дали е таа плод на мојата слабост или пак не бев моќен пред добро скроениот план?
Смеам ли да си допуштам ирационалност талкајќи по одговор за безумието на моите постапки?
Случката на петнаесетгодишна возраст што не сум ја изустил пред никого, можеби е изворот на мојата дарба на која цел живот и се сладев безумно, но можеби токму таа е виновникот за моите страдања и болки, за раните на мојата душа.
Добро се сеќавам , лежев на стомак врз креветот, но не спиев. Одеднаш почувствував необјасниво присуство на сила што се протна низ прозорецот. Имав чувство, но не сум сигурен, дека ја гледав просторијата во целост како да имав повеќе пара очи, па можев сѐ да забележам и од секој агол. Чудната сила се движеше кон мене, накај креветот, можев да и ги забележам стапките по подот, како кога некој оди по крајбрежен мокар песок. Последниот чекор до креветот и силен грч ме обзеде, се нафрли на мене, или во мене сеедно. Не знам колку долго траеше парализата, но јас имав чувство дека се борам со неа една цела вечност. Како ме опседна, така и ме ослободи. Срипав целиот растревожен. Кога погледнав наоколу собата беше точно таква кава што ја 'видов' за време на чудното доживување. Прозорецот беше полуотворен, креветот растурен, ќебето лежеше на подот, ламбата светеше, сѐ како што 'видов'. Дали беше така пред случката не можев да се сетам. Со денови размислував. Внимателно слушав кога некој ќе зборуваше за некаков грч, при пливање на пример или актуелни парализи и слично. Ништо од сето тоа. Единствено искуство што би било блиску до моето , колку и да звучеше паранормално, е кажувањето на еден стар побожен селанец кој зборуваше за духови што опседнуваат и за нивната моќ да ги исполнуваат своите неостварени желби преку жртвата што ќе ја одберат. Во такви ситуации повикувале свештеник за да ги протера, затоа што верувале дека тоа има зли намери.
Сето тоа е туѓо за мојот рационален поглед на светото, но ако си допуштам, како што реков, малку ирациналност, со таков пристап би можел да ги објаснам случувањата во мојот живот, во која често ја мешав реалноста со илузијата. Многу пати не ја ни забележував границата помеѓу едното и другото. Многу пати заборавав која е тековната година, да не зборувам за важни датуми во мојот живот или пак имиња. Целиот живот ми помина на линијата помеѓу сонот и јавето. Но тоа што сакам да го нагласам е дека од таа случка па наваму, многу работи во науката ги разоткривав на чуден и едноставен начин. Исто така, кога дојде моментот, лесно посегнав по славата и самољубието, занемарувајќи сѐ околу себе. Подлегнав на советувањата на луѓе што на чуден начин се вовлекоа во мојот живот, иако нивните совети се косеа со моите животни ставови. Го загубив духовниот имунитет. Кога се разбудив од таквиот кошмар, сѐ беше готово. Животот е многу краток, не дава простор за исправка на гревовите.
Остана неостварен мојата желба да ги спојам двете сили што го владеат Универзумот, гравитацијата и електромагнетизмот. Еве, и ден денес кога сум во состојба да се спуштам долу до реката, ги гледам брановите на водата најпрво како се движат, удираат по брегот, за најполсе да ги однема. Во таа игра се крие суштинската порака релевантна за мојата неостварена желба, но јас немам моќ да ја разберам. Во природата сѐ е поврзано во беспрекорна хормонија, но мојата логика не успеа да го фати суштинскиот ритам на универзалното пулсирање.
Многу научници се осмелија да ги третираат појавите во природата како случајни, во име на вистината јас им дадов индиректна, но значајна подршка, иако мојот став на таа тема останува непроменет. Во универзумот дури и хаосот си има ред.
Дали во тој беспрекорен ред се позиционирани и можностите на поединецот или човековиот ум воопшто? Не знам. Затоа пак, за една работа сум безрезервно убеден, нема успех без да се плати неговата цена. Јас платив два пати. За да проникнеш во тајните на природата, нужно мора да се откажеш од секојдневниот живот, да го преживееш стравот што се јавува како последица на талкањето по непознатото, да се соочиш со стресот на несигурноста и неуспехот како да се бориш за преживување, за гол живот. Ако тоа е цената, која секој маченик што се определил за наука мора да ја плати, тогаш втората, која можеби е и поболна, е онаа што јас си ја накалемив, желен за слава и самодокажување. Во почетокот не бев свесен за можните последици, не ме ни интересираа или не ги ни очекував, сметав дека сето тоа ми е заслужено, мнение што и сега би го поддржал, но динамиката на патот до самиот врв, потпомогнат од..."

Извор:
Мемоарите на Алберт Ајнштајн - Кире Илиевски